Карате федерацијата со објаснување – Ќе платиме ама само за тројца, другите 15-мина нека се снаоѓаат!

Народната „пу-пу не важи“ мислевме дека е актуелна само во мак-баскетот, но сме се излажале. Важи и во македонското карате.
Сакајќи да се извади од „калта“ Карате федерацијата на Македонија (КФМ), уште подлабоко заглави!?
За својата неспособност Карате федерациите ги обвинува новинарите, па и Агенцијата за млади и спорт.

По завчерашните реакции во јавноста за скандалозната одлука на Извршниот одбор на КФМ, каратистите сами да си ги покријат трошоците (речиси 900 евра) за патување и сместување на претстојното Европско првенство во Гвадалахара, Шпанија, од федерацијата се огласија со соопштение до јавноста.

 

И наместо на образложат зошто немаат пари да ја покријат сите репрезентативци, за што најверојатно имаат поднесено и програма за финансирање до Агенцијата за млади и спорт (АМС), според која се распределуваат средства, од КФМ, со напад кон медиумите, дека тие со лошо пренесување на информациите и правеле штета на федерацијата, но и АМС дека тие сеуште ги немаат префрлено средствата.

Карате Федерацијата на Македонија ја информира спортската јавност дека за репрезентативците Емил Павлов, Вероника Костовска и Петар Спасеноски ќе бидат целосно подмирени трошоците за престојното ЕП за сениори кое ќе се одржи во периодот од 22-26.03.2023 година во Гвадалахара, Шпанија, а согласно Правилникот за наградување на спортистите при КФРСМ.
На останатите спортисти ќе им бидат рефундирани средствата откако АМС ќе додели финансии за ова првенство кои веќе се побарани од страна на КФРСМ! Токму вакви две одлуки донесе ИО на КФРСМ во текот на вчерашната седница. Исто така информираме дека со пренесување на делумна одлука и користење на спортистите во негативни цели се прави штета на спортистите клубовите и карате Федерацијата која континуирано е една од најуспешните федерации во Македонија! 
Ги повикуваме новинарите и сите останати заинтересирани следен пат да се обратат до канцеларијата на Карате Федерација на Македонија за одговор на
било какви прашања како не би дошле повторно во ваква ситуација.

Колку за потсетување, на втората фотографија, е дописот кој КФМ, го има испратено до клубовите кои партиципираат со свои репрезентативци, а кој ние го добивме од самите каратисти.

За некому да рефундирате, тој прво ќе мора да потроши свои средства. Зарем не е срамно, македонски спортист кој ја претставува својата земја да се самофинансира!?
Нејасно е и кој начин на РЕФУНДИРАЊЕ ќе го применувате (по број 2 – ЦЕЛОСНО или број 5 – СПОРЕД ОСТВАРЕН ПЛАСМАН)!? Претпоставуваме дека петата одлука, според логиката на нештата, ви значи НАГРАДУВАЊЕ, а не рефундирање!?

И повторно да ве потсетиме. Бројот на репрезентативци што беше најавен од КФМ е 18 каратисти, а според нивното соопштение федерацијата е во можност да покрие комплетни трошоци само за тројца од нив.

Без разлика за кои каратисти станува збор, во најмала рака оваа одлука е дискриминирачки кон останатите, а пред се срамно за една од најтрофејните федерации во државава, да не знае или не може, да обезбеди средства, за одамна планираниот настап на Европскиот шампионат.

Јавно прашуваме. Господа од Карате федерацијата, дали имате испланиран буџет за 2023 година!?

Ако имате, како што сте констатирале во годишното собрание за 2022 година, (во што се сомневаме – ФОТО 3 од галеријата), дали знаевте колку репрезентативци ќе одат на ЕП? Колкави се вкупните трошоци за тоа?
И најважно. Дали воопшто се потрудивте да обезбедите средства, без притоа да калкулирате со парите кои не и знаевте колкави ќе бидат, пред објавувањето на сумите за распределба на средства од АМС!

Под претпоставка, дека вината не е кај вас, туку во неажурноста на Агенцијата за млади и спорт (нели не ви префрлила средства), зарем за повеќе 20 денови, до стартот на шампионатот, не можете да обезбедите 13.500 евра, па без никаков притисок, каратистите периодот да го користат за завршни подготовки, а не за трчање по пари!?

Наместо вината да ја барате кај новинарите, редно е прво да поразговарате за вашата способност да раководите со една масовна спортска организација како што е вашата, која има бројни натпреварувања во текот на годината, за кои се разбира потреби се финансиски средства. Е доколку не сте способни да ги обезбедите тие средства, исто така доблесно е да си признаете прво самите себеси, а потоа и на јавноста, дека не можете да одговорите на задачите. И тоа не е срамота, напротив. Но, срамота е да барате вина во медиумите чија првенствено задача е да ги следат настапите на македонските спортисти, а воедно и работата на секоја федерација поединечно, за што треба навремено да информираат.

Без разлика на Вашите суети и ставови, сега ние Ви се ставаме на располагање, да Ви помогнеме колку е во наша моќ.

А, нашата моќ е информацијата која веќе се прошири низ јавноста, па одредени институции, компании и поединци и вљубеници во спортот, ќе им помогнат на спортистите, МАКЕДОНСКИТЕ РЕПРЕЗНЕТАТИВЦИ, затоа што ТИЕ ЈА ПРЕТСТАВУВААТ НАШАТА ЗЕМЈА, а не вие функционерите.

Спортски поздрав и големи успеси им посакуваме на македонските каратисти на претстојното Европско првенство.