Фудбалерите на Ливерпул вечерва во одложениот дуел од 7.коло од Премиер лигата го совладаа Вулверхемптон на „Енфилд“ со 2:0. Со овој триумф „црвените“ се во серија од четири натпревари без примен гол во Премиер лигата.

По неатрактивните прво полувреме во вториот дел домашните навивачи имаа можност да се радуваат на голови. Најпрвин во 66.минута по продорот на Диого Жота, Дарвин Нуњез постигна гол, но по прегледувањето на ВАР снимката судијата Тирни го поништи поради фаул од Жота.

Сепак, неколку минути подоцна по прекин во 73.та минута Вирџил Ван Дајк ја затресе мрежата на противникот за водство на Ливерпул од 1:0. Четири минути подоцна Мо Салах ги постави конечните 2:0.

Со новите три бодови Ливерпул се искачи на 6.то место на табелата со 39 бодови, два помалку од Њукасл и шест од четвртопласираниот Тотенхем.

Вулверхемптон со 24 бодови е на 15.то место и е во серија од три натпревари без победа.