Македонскиот првак Вардар претрпе пораз од Партизан во последна натпревар од групната фаза во регионалната СЕХА лига.
На средбата одиграна попладнево во Белград, вардарци беа надиграни од црно-белите кои славеа победа со 28-22.
По воведните 1-0 и 2-1 за Вардар, домаќините направија низа од 5-1 и поведоа со 7-3 во 11-тата минута, за веќе во 26-тата да имаат и највисоки +5 (13-8). Но, македонскиот шампион возврати на речиси идентичен начин, па пет минути подоцна успеа да израмни на 13-13. До крајот на првиот дел одново домашниот тим направи предност и на одмор се замина со резултат 15-14 за Партизан.
Во второто полувреме, предводени од одличниот голман Андреј Трнавац кој средбата ја завршеше со 20 одбрани, домаќините на осум минути до крајот по втор пат дојдоа до пет гола предност (24-19). Црно-белите знаеја како да ја сочуваат таа предност и на крајот заслужено славеа со конечни 28-22.
Во победничката екипа се истакнаа Никола Зечевиќ и Стефан Петриќ кои постигнаа по 8 голови.
Во редовите на нашиот првак, воедно и на натпреварот, беше најефикасен Филип Талевски со 9 голови.
Со овој пораз вардарци си ја искомплицираа ситуацијата, па сега црвено-црните ќе ги чекаат исходите од двата натпревари меѓу Партизан и Татран Прешов, по кои ќе знаат од која позиција на табелата а го исчекуваат својот противник во плеј-офот.