Со двата гола во судиското надополнување „топџиите“ ја совладаа Астон Вила со 4:2 како гости, откако во два наврати беа во негатива во текот на натпреварот.

Новото засилување на Арсенал Жоржињо со прекрасен удар од 18.метри ја погоди пречката од голот на Мартинез, а одбиената топка од главата на голманот на Астон Вила заврши во неговата мрежа.

Голот за најава на победата Арсенал го постигна во 90+3 минута. Откако домаќинот тргна на „се или ништо“ во последната минута голманот Мартинез отиде по корнер да помогне на нападот и голот остана празен, а од контрата Мартинели во 90+8 ги постигна конечните 4:2.

На оваа завршница претходеа четири гола и две водства на домаќинот Астон Вила. Во 5.минута Оле Воткинс донесе водство за Астон Вила, а потоа по една одбиена топка Сака беше на вистинското место и изедначи на 1:1 во 16.минута. Ново водство за Астон Вила донесе Кутињо во 31.минута, а Зинченко изедначи на 2:2 во 61.минута.

По првиот натпревар во колото Арсенал има 54 бодови, три повеќе од Манчестер Сити, кој својот дуел го игра од 16 часот.