Фантастичен натпревар со одличен ритам и многу шанси на ,,Сигнал Идуна Парк” одиграа Борусија Дортмунд и Челзи, каде на крајот се радуваа домаќините со минимални 1-0.

Стрелец на победничкиот погодок за ,,Милионерите” беше младиот супер талент на Борусија, Карим Адејеми, кој со одличен продор во 63-тата минута го матираше Кепа.

Уште од самиот старт, двата тима тргнаа во силен ритам, а за нијанса поактивни беа домаќините. Меѓутоа првото големо возбудување и шанса за предност ја имаше Челзи кога во 17-тата минута по нафрлена топка на Џејмс, дефанзивецот Силва беше највисок во противничкиот шеснаесетник ја затресе противничката мрежа, но на недозволен начин, со оглед на тоа дека наместо со глава, топката ја зафати со рака, што судијата Мазано го воочи и го поништи голот.

Како одминуваше натпреварот, Челзи стануваше се поконкретен, а голема прилика за гол имаше Жоао Феликс кој од работ на шеснаестникот во чиста прилика шутираше за малку над голот. Само пет минути подоцна истиот играч, се најде во уште подобра прилика кога при еден соло продор излезе очи во очи со противничкиот голман, но неговиот шут заврши во пречката.

Челзи се закануваше и на почетокот на второто полувреме, особено опасно беше по слободниот удар на Џејмс во 55-тата минута, но неговиот удар го скроти Кобел. Токму Џејмс се закани и во 58-та минута но Кобел повторно беше поуспешен.

Казната за промашувањата на Челзи дојде во 63-тата минута кога Карим Адејеми, при украдена топка направи одличен продор, поминувајќи го Енцо Фернандес, по што го надмудри и Кепа и лесно ја спроведе топката во мрежата, за ерупција на преполниот ,,Сигнал Идуна Парк”.

Челзи брзо се консолидираше од водството на Борусија и продолжи да напаѓа, а најблиску до погодок беше Кулибали, кога практично Кобел веќе беше совладан во 78-та минута но топката од самата гол линија ја исфрли Емре Џан и спречи чист погодок.

До крајот на натперварот Челзи притискаше, но сето тоа беше залудно,  а фантастичниот Кобел го одбрани и маестралниот шут од далечина на Енцо Фернандес па резултатот остана во корист на Борусија Дормунд, со што ,,Милионерите” во Лондон ќе патуваат со минимална предност од 1-0.

>