Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром утре го игра 17-от натпревар во регионалната АБА лига. Аеродромци во „Јане Сандански“ ја пречекуваат словенечката екипа Цедевита Олимпија од која во првиот меч одигран во Љубљана загубија со 20 поени разлика 93-73.

МЗТ е во лоша „губитничка“ серија, од дури десет натпревари во низа (сметајќи го и поразот од Гостивар во домашниот шампионат).

Но, иако противникот кој е во водечкиот квартет на табелата важи за апсолутен фаворит, еден од најискусните играчи на аеродромци Војдан Стојановски верува дека Олимпија не е несовладлива.

„Играме против една од најдобрите екипи во АБА, која игра одлично и во Еврокупот. Се надевам на добар натпревар во кој ќе прикажеме борбена игра со многу енергија, со што ќе ги израдуваме нашите навивачи со посакуваниот триумф. Според мене, МЗТ Скопје може да ги совлада сите противници во АБА до крајот на сезоната, што ќе значи и остварување на зацртаната цел – опстанокот“,
вели Војдан.

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Цедевита Олимпија што ќе се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ ќе започне во терминот од 17 часот.