Јорданчо Давитков, поранешниот селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, се враќа во мак-баскетот.
Искусниот стратег ќе биде новиот тренер на КК Струмица. Мисијата на Давитков нема да биде ни малку лесна имајќи во предвид дека тој го презема клубот како последно рангиран во прволигашкото друштво и негова цел сигурно ќе биде да избори опстанок.
Ова е „кам-бек“ на Давитков во мак-баскетот по пауза од 15 години, откако за последен пат во сезоната 2007/08 беше токму на клупата на Струмица.
„Последен клуб тогаш ми беше Струмица, по што се решив да заминам во странство. Еве, сега се поклопија работите за и враќањето да биде повторно во истиот клуб“,
изјави Давитков.
По завршувањето на играчката кариера во Никол Ферт 20000-година, тој за прв пат седна на тренерското столче и тоа на гостиварскиот куб каде мина две сезони.
Следуваа ангажманите во некогапните струмички екипи Поло Трејд и Неметали Огражден, а го предводеше и „својот“ Работнички каде го мина најголемиот дел од играчката кариера. Изминатите години беше на „печалба“ во Исланд, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.
Давитков во два наврати беше и селектор на најдобрата кошаркарска репрезентација на Македонија и тоа во периодот од 2001 до 2007, односно од 2017 до 2019 година.