Кошаркарите на Пелистер забележаа значајна победа во АБА2 лигата. Иако имаа и 19 поени предност на стартот на последната четвртина, битолчани се доведоа во ситуација мечот против Сутјеска да биде решен со последниот шут. 

Среќа што Маслинко на 2,5 секунди пред крајот ги погоди двете слободни фрлања, а противникот не реализира од голема далечина за победа. 

Ваквиот натпревар тренерот на пелистерци, Марјан Илиевски го оцени, пред се, како лош по здравјето. 

„Кога еден ваков натпревар ќе го имате во резултатска предност повеќе од 36-37.минути, на крајот најважно ни е дека победивме и не сакам да бидам критичен кон играчите. Несакам сега да бидам критичен кон моите играчи бидејќи сега веднаш по натпреварот најлесно е да ги ‘линчуваме’. Сепак, краток период имавме за одмор, имаме и повредени играчи и сакам да им честитам на моите играчи и покрај тој пад што го имавме, сепак победивме и со таков скратен ‘ростер’ го чекаме Златибор во следниот натпревар“, изјави Илиевски по мечот. 

Во недела точно на пладне (12 часот) Пелистер го игра дербито со Златибор, кој како и битолчани и денешниот противник Сутјеска има ист ‘скор’  6 победи и 3 порази.