Македонската ракометна репрезентација го загуби и третиот натпревар од групата Ф на Светското првенство откако вечерва сме поразени од Аргентина со 35:26 (18:11). 

Во воведните 10 минути се играше гол за гол и противникот имаше предност од 5:4, но во следните 10 минути Аргентина направи серија од 6-2 за водство од 11:6. Набрзо потоа „гаучосите“ имаа + 7 (17:10) во 29.минута.

Во првиот дел нашата одбрана повторно беше „порозна“, а голманите имаа само една одбрана (Митревски), додека браќата Симонет беа најефикасни Диего постигна 5, а Пабло 4 голови. Левиот бек Кузмановски првите 12 минути ги мина на клупа, а Македонија имаше до таа минута 4 технички грешки.

И вториот дел продолжи како првите 30 минути само што Аргентина во 43.минута стигна до 9 разлика (26:17), а потоа во продолжението стигна и до двоцифрена разлика – 30:20.

Најефикасен на дуелот беше Диего Сиомнет со 8 голови од 9 удари, а кај Македонија Талески постигна 5 голови.

Македонија продолжува во Президент купот и ќе игра против африканските репрезентации: Мароко, Алжир и најверојатно Тунис.