По обработените подготовки во Маврово и Скопје, најдобрата машка ракометна репрезентација од денеска е во Пореч, каде ќе одигра два контролни натпревари, против домашната селекција на Хрватска и Израел.

На овие натпревари што се и последна контрола за избраниците на Кирил Лазаров, селекторот не ќе може да смета на тројца ракометари.

Филип Талески има повреда на скочниот зглоб, поради што го пропушти и ревијалниот натпревар пред три дена.

Во Скопје останаа и голманот Никола Митревски, како и крилото Цветан Кузманоски. Сепак информациите велат дека тројцата ќе бидат во комбинација за настап на Мундијалот.

Утре црвено-жолтите ќе игра против домаќинот Хрватска, а натпреварот ќе започне од 20:15 часот, термин во кој ден подоцна (сабота) ќе го одиграат и мечот со Израел.

Потсетување дека нашата репрезентација ќе настапува во полскиот град Краков, каде во групната фаза за противници ќе ги имаат селекциите на, Норвешка, Холандија и Аргентина, редоследно на 13-ти, 15-ти и 17-ти јануари (календар).