Водечката екипа во ракометната Супер лига – плеј аут МРК Куманово освои само еден бод во натпреварот од 8.коло на домашен терен против Јуниор Кисела Вода. Гостите од Скопје голот за изедначување го постигнаа во последните секунди и дуелот заврши без победник 24:24. Најефикасни со по 6 голови беа: Немања Ѓурашковиќ кај МРК Куманово и Филип Петровски кај Јуниор Кисела Вода.
На вториот дуел одигран вечерва ракометарите на Струга го совладаа тимот на Скопје 2020 со 31:25 и со тоа ја продолжија серијата од четири победи во низа, со што се пробија на третата позиција на табелата. Натпреварот беше решен во првиот дел кога домашните направија предност од 18:8. Најефикасен играч на натпреварот беше Марио Мишевски од Скопје 2020 со 10 голови, додека кај Струга Урош Лазаревиќ постигна 9 голови.
Утре од 17 часот играат Голден Арт и Вардар Неготино, додека во истиот термин во недела е дуелот меѓу Радовиш и Прилеп.
Табела: МРК Куманово 20 бодови, Голден Арт 18, Струга 15, Прилеп 14, Скопје 2020 12, Вардар Неготино 10, Јуниор Кисела Вода 8, Радовиш 2.