Вечерва на „Паркот на принцовите“ се среќаваат ПСЖ и Баерн Минхен во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите. Овој фудбалски спектакл во Париз носи директен судир на двете најефикасни екипи во елитното натпреварување оваа сезона.

Тренерот на актуелниот европски првак ПСЖ, Луис Енрике, покажа неверојатна самодоверба и оптимизам на официјалната прес-конференција пред мечот.

„Не постои подобар тим од ПСЖ во овој момент во светот. Нашата цел е победа во двата натпревари против Баерн““, децидно изјави Шпанецот пред новинарите.

Тој потенцираше дека неговата екипа нема намера да преговара за резултатот, туку ќе оди на победа во двата натпревари.

Од друга страна, Баерн Минхен се соочува со необичен проблем бидејќи тренерот Венсан Компани е суспендиран за овој дуел. Белгискиот стратег натпреварот ќе го следи од трибините, додека екипата на теренот ќе ја предводи неговиот асистент Арон Данкс.

„Имам стопроцентна доверба во мојот стручен штаб и нашиот план за овој голем натпревар“, порача смирено Компани.

Статистиката вели дека овие два гиганти никогаш не одиграле нерешено во нивните претходни 16 меѓусебни пресметки во Европа.

Баерн има девет победи, додека ПСЖ славел седум пати, што ветува бескомпромисна борба за големото финале во Будимпешта.

Натпреварот започнува во 21:00 часот, а главниот фокус ќе биде на напаѓачите Усман Дембеле и Хари Кејн.