Ракометарите на Охрид постигнаа победа во дербито на 4.коло од плеј-офот од Супер лигата. Тие го совладаа шампионот Еурофарм Пелистер со 27:26 и на тој начин се изедначија на табелата по бројот на бодови 42. Двата тима се на второто и третото место, зад лидерот Вардар со 50 бодови, додека Алкалоид е четврти со 40. Инаку, нерешениот резултат беше присутен на семафорот дури 13 пати.
Дека дербито ќе биде изедначено и победникот ќе биде решен во последните минути беше познато од самиот почеток. Првата поголема предност ја имаа битолчани кои поведоа со три разлика во 19.минута (9:6). На полувреме домашниот тим имаше два позитива – 13:11.
Второто полувреме продолжи со предноста на Е.Пелистер и во 38.минута беше 17:14, но тогаш на сцена стапија ракометарите на Охрид, кои за девет минути направија серија од 5-0 за водство од 19:17. Сепак за три минути следуваше ново изедначување – 20:20 во 50.минута. До крајот на дуелот двете екипи имаа минимална предност по еден разлика, но повторно нерешениот резултат беше активен. Победничкиот гол за Охрид го постигна Тилен Стрмљен во последните секунди од дуелот.
Ова беше петтиот гол за Стрмљен на натпреварот без промашување и беше најефикасен во својот тим, додека кај Е.Пелистер Дејан Манасков постигна 6 голови.
На оваа победа охриѓани сигурно се радуваа и ракометарите на Вардар кои сега имаат осум бодови повеќе во однос на конкурентите. Скопските црвено-црни се многу блиску до освојување на шампионскиот трофеј.



































