Во рамки на 20. коло од женската Супер лига, шампионот Ѓорче Петров на домашен терен го пречека составот на Вардар. Актуелните шампионки Ѓорчепетровки славеа убедливо со 42:24.

Домаќинките уште од самиот старт наметнаа силно темпо и целосно ја презедоа контролата врз натпреварот. Веќе во 10-тата минута Ѓорче Петров имаше убедливо водство од 10:1, демонстрирајќи цврста одбрана и ефикасен напад. Вардар се обидуваше да најде ритам и во неколку наврати да ја намали негативата, но расположениот домаќин не дозволуваше никакво изненадување. Како што одминуваше првото полувреме, предноста на Ѓорче Петров само растеше. Во 24-тата минута резултатот изнесуваше 17:7, што јасно ја отсликуваше доминацијата на теренот. Домаќинките сигурно ја одржуваа високата разлика и на пауза заминаа со убедлива предност од 22:9.

Во второто полувреме сликата на теренот не се промени – Ѓорче Петров продолжи во ист ритам, сигурно контролирајќи ја играта во двата правци. Со организиран напад и цврста одбрана, домаќинките постепено ја зголемуваа предноста, па во 38-та минута веќе имаа убедливи +16 (29:13). Вардар се обидуваше да најде начин да ја намали разликата, но безуспешно, бидејќи расположената екипа на Ѓорче Петров не дозволуваше пад во играта. Во 55-тата минута предноста достигна и максимални +20 (39:19), што само ја потврди целосната доминација на шампионот. До самиот крај немаше значајни промени на резултатот, а натпреварот заврши со убедлива победа на Ѓорче Петров со 42:24.

Најефикасни во редовите на Ѓорче Петров беа Гугуљанова со седум и Ризоска со шест погодоци, додека кај Вардар се истакнаа Ристовска и Тодоровска дадоа по пет гола.

Ивона Кимовска

Следете нé на социјалните мрежи