Ѕвездениот тим на Париз Сен Жермен доживеа втор пораз во низа во француското првенство, откако вечерва на домашен терен со минимални 0-1 беа поразени од Лион.

Тимот на Галтие тргна силно па веќе во четвртата минута имаше огромна шанса за гол преку Витиња, кој пропушти одлична можност од непосредна близина да го совлада противничкиот голман. Само пет минути подоцна истото го направи и Килијан Мбапе кога шутираше непрецизно.

Гостите некако се одбранија и полека почнаа да влегуваат во натпреварот а со тоа и да се закануваат по голот на Донарума. Првата сериозна шанса резултираше со пенал за тимот на Лоран Блан, откако во 36-тата минута Донарума беше невнимателен и направи прекршок за најстрога казна.
Сепак Италијанецот имаше среќа затоа што Лаказет не успеа да го искористи ударот од 11 метри, погодувајќи ја левата статива од голот на Донарума.

Лион беше далеку порамноправен противник во продолжението а на моменти дури и подобар па тоа резултираше со гол во 56-тата минута, кога Кумбеди додаде а Баркола го матираше Донарума за предност од 0-1.

Во продолжението на натпреварот, ПСЖ напаѓаше со сите сили, но Лорен Блан одлично ја постави својата екипа која одлично се бранеше и дојде до голема победа на гостински терен кај лидерот на табелата.

Лион сега со 44 бода е на деветтата позиција и е осум бода зад Лил кој е на петтата позиција која носи излез во Европа, додека пак ПСЖ остана на лидерската позиција со 66 бода, шест повеќе во однос на Ленс и Марсеј.