Инфраструктурата, односно спортските сали низа Македонија се најголемиот проблем за макеоднскиот спорт. И тоа не е нешто ново како информација.

Поранешната Агенција за Млади и спорт, своевремено изгради повеќе од 100 нови спортски сали. Но, со текот на времето, најголемиот дел од нив се не функционални или делумно употребливи. Најголемиот проблем секако е греењето, па затоа спортистите се приморани да тренираат и играат во „поларни“ услови.

Ладните сали се и причината поради која Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) го пролонгира стартот на вториот дел од сезоната. Нов датум за почеток на „пролетниот“ дел е 24 јануари. Не дека тогаш ќе биде потопло од сега, ама ….

Но, дополнителен проблем е затворањето на СЦ „Кале“ кој е под владеење на КФМ. Претседателот на федерацијата, Томица Главчев уште на стартот на мандатот најави дека идејата е да се гради нова сала. Постоечката не ги исполнува ниту минималните услови на ФИБА, истакна тогаш Главчев. Рушење на постоечката и градење на нова сала, со пропратни содржини и објекти, накратко е идејата.

Воедно, неодамна до клубовите беше испратена и информација дека СЦ „Кале“ е не безбедна за одржување на натпревари, за веднаш потоа да се одржи и макеоднскиот ол-стар.

Но, се крие ли зад оваа идеја, некоја друга!? Сите си го поставуваат тоа прашање, на кое релевантните институции и луѓе, треба да дадат конкретен одговор. Во кошаркарските кругови веќе се шират повеќе верзии и идеи за тоа кој, како и што би градел на местото на сегашната сала „Кале“. Но, времето ќе покаже.

Клубовите мора да бараат нови сали за домашни натпревари

На десетина дена пред стартот на вториот дел од сезоната, клубовите кои го користеа овој објект сега се во небрано.

Од суперлигашите, само Работнички ќе биде не засегнат, бидејќи се враќа во својот дом „Градски Парк“. Вицепрвакот ТФТ и новајлијата Маџари ќе треба да бараат нов „дом“ терен каде ќе ги играат своите натпревари. Но, не се само тие, туку повеќе екипи кои настапуваат во младинските конкуренции.

Време многу за „маневри“ нема, па останува да се види како и каде ќе се играат натпреварите во мак-баскетот, во продолжението на сезоната.

Следете нé на социјалните мрежи