Македонскиот вицепрвак ТФТ вечерва ќе го игра последниот натпревар во регионалната АБА2 кошаркарска лига во оваа календарска година.

Тимот од скопската населба Тафталиџе гостува во Бања Лука кај екипата на Борац. 

Избраниците на тренерот Боро Смилковски ги чека тешка задача да им се вратат на победите. Откако стартуваа со два успешни настапи, кошаркарите на ТФТ претрпеа два порази. Затоа ТФТ во моментов е на 13 место на табелата, со бод помалку од денешниот противник кој е осми, позиција што води во разигрувањето.

Победа на гостински терен ќе го врати ТФТ во игра за плејофот. Задачата нема да биде нималку лесна, а јасно му е тоа и на тренерот Боро Смилковски.

„Последен натпревар од една доста успешна календарска година за нас од резултатски и организационен аспект. Со апсолутен респект за екипата на Борац која има континуитет на работа и големо искуство во АБА 2 лигата, но и со респект кон нашата работа и квалитет очекуваме насе добро издание.

Доколку успееме да го исконтролираме скокот и имаме соодветна енергетска реакција на агресивноста на противникот можеме да се надеваме на поволен резултат“, изјави тренерот Смилковски. 

Денешниот дуел меѓу Борац и ТФТ што ќе почне во 18 часот ќе може да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ.

Следете нé на социјалните мрежи