Македонскиот шампион Шкендија вечерва во Скопје ќе одигра клучен европски натпревар во рамките на Лигата на Конференции. На арената „Тодор Проески“ ќе го пречека тимот на Слован Братислава.
Атмосферата во тетовскиот табор е исполнета со оптимизам и силна желба за успех, бидејќи токму овој меч може да ја одреди судбината на клубот во продолжението од европската сезона.
Играчите се свесни дека ги очекува тежок предизвик, но во исто време веруваат дека со борбена игра и поддршка од трибините можат да стигнат до значајна победа.
Слован пристигнува како фаворит, поради искуство од европските натпреварувања, но Шкендија на домашен терен секогаш игра со дополнителна енергија.
Искусниот напаѓач Бесарт Ибраими не го крие значењето на вечерашниот дуел.
„Ја знаеме важноста на овој натпревар и со победа можеме да се квалификуваме понатаму и сме подготвени, мотивирани сме, ќе го дадеме својот максимум.
Верувам дека со малку среќа и голема поддршка од публиката ќе го добиеме овој дуел“, истакна Ибраими.
Очекувањата се за жестока борба, висок интензитет и голема желба за триумф од двете страни, но Шкендија верува дека вечерва може да испише уште една важна страница во својата европска приказна.
Натпреварот започнува во 18:45 часот.


































