Шампионот Струмица му го нанесе првиот пораз на лидерот Штип УГД оваа сезона, славејќи со 3:2 во возбудлив натпревар од 9. коло во Првата лига за мажи, одигран во Штип.
Домаќинот започна сигурно и поведе со 2:0 во сетови (25:19, 25:21), контролирајќи го ритамот и играта.
Но, струмичани не се предадоа. Со подобрена игра во сите сегменти, гостите се вратија во мечот, израмнувајќи на 2:2 со идентични 25:23 во третата и четвртата единица.Тај-брејкот започна фуриозно за Струмица, која рано поведе со 6:1, а потоа и со 9:4. Штипјани се обидоа да одржат чекор, но шампионот со комплетен пресврт стигна до важни два бода, затворајќи го сетот со 15:12.
Јован Милев беше најрасположен кај Струмица со 20 поени, додека Кристијан Илијев допринесе со 17. Кај Штип УГД, најефикасен на теренот беше Махди Задмард со 22 поени, следен од Стојан Илиев со 18 и Стојче Арсов со 12 поени.
И покрај поразот, Штип УГД останува на врвот на табелата, но сега само со еден бод предност пред шампионот, кој со оваа победа дополнително ја вжешти битката за првото место.




































