Репрезентацијата на Казахстан направи големо изненадување совладувајќи ја фаворизираната Данска со 3:2.

Во натпревар од 2.коло на групата Х одигран попладнево Казахстан со комплетен пресврт стигна до првата победа во квалификациите за ЕУРО 2024.

Иако со двата гола на Хојлунд (21 и 36-минута) Данците го добија првиот дел со 0-2, сепак во вториот селекција на Казахстан доминираше и заслужено на крајот се радуваше. За само петнаесетина минути домаќините постигнаа три гола преку, Зајнутдинов од пенал (73-минута), Тагиберген (86) и Ајмбетов (89) и со целосен пресврт славеа со конечни 3-2.

Казахстан во првото коло загуби од Словенија со 1-2, додека Данска ја победи Финска со 3-1.

Во оваа група денеска ќе се играат и натпреварите Северна Ирска – Финска, односно Словенија која е домаќин на аутсајдерот Сан Марино.