Македонскиот шампион Шкендија вечерва ќе има нов настап на европската сцена. Тетовци за прв пат во нивната клупска историја ќе играат домашен натпревар во групната фаза на едно европско натпреварување.
Во рамките од второто коло на Конференциската лига, Шкендија го пречекува ирскиот тим Шелбурн.
За разлика од макеоднскиот шампион кој во првата рунда загуби на гостувањето кај Рајо Ваљекано, противникот веќе освои еден бод. Сега тетовци се надеваат на првите бодови и тоа полн „плен“.
„Во Шпанија видовме како се игра модерен фудбал. Се надевам дека научивме нешто од тој натпревар и дека тоа искуство ќе ни помогне во иднина.
Имавме доволно време да се подготвиме за овој натпревар. Се надеваме на добра игра, поддршка од публиката и освојување на трите бода“, изјави тренерот на тетовци Јетон Беќири.
Натпреварот Шкендија – Шелбурн што ќе се игра на арената „Тодор Проевски“ во Скопје, ќе почне во терминот од 18.45 часот.





































