Без изненадувања е изборот на селекторот Благоја Милевски списокот на фудбалерите на кои ќе смета за претстојните квалификациски дуели.
Македонија како првопласирани во групата „Ј“, прво ќе и гостуваат на Белгија, а потоа ќе го пречекаат Казахстан.
„Што се однесува до предизвикот, за нас сите натпревари се главни. Досега одигравме пет големи битки, а така ќе биде и на преостанатите три.
Белгија останува главен фаворит во нашата група, но ние покажавме дека можеме да играме против сите. Никој не може да ни ја одземе надежта за пласман на Светското првенство. Ќе се подготвуваме максимално сериозно и ќе сториме сè за да постигнеме успех. Нашата цел е да докажеме дека Македонија може да биде конкурентна и против реално поквалитетни селекции.
Имаме ние во нашиот македонски ген еден посебен икс-фактор што не знаеме кога ќе проработи.
Понекогаш излегува тогаш кога е најпотребно, во моменти кога сите мислат дека е невозможно. Тоа е нашата сила, нашата верба и инает, нешто што не се гледа секогаш на табелата, ама на теренот прави разлика“, изјави Милевски.
Собирот на репрезентацијата е закажан за 6 октомври. Македонија најпрво ќе истрча против Белгија на 10 октомври во Гент, а на 13 октомври во Скопје ќе го пречека Казахстан.
Во моментов, нашата селекција е прва на табелата со 11 бода, еден повеќе од Белгија и Велс.
