Скопје e домаќин на првиот Регионален спортски самит кој се одржува под покровителство на Министерството за спорт.

Мотото на овој собир е „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“.

Овој значаен настан ќе ги обедини највисоките носители на спортските политики од регионот, меѓу кои министрите за спорт на Република Србија, Зоран Гајиќ, на Црна Гора, Драгослав Шќекиќ, како и домаќинот, министерот за спорт на Република Македонија, Борко Ристовски.

На отворањето на Самитот воведно обраќање имаше министерот Борко Ристовски.

Во рамки на Самитот ќе се обратат и спортските легенди Горан Пандев и Предраг Мијатовиќ.

Преку панел-дискусии, работилници и сесии за вмрежување, учесниците – министри, спортски федерации, клубови, бизнис лидери, академии, медиуми и визионери – ќе имаат можност да иницираат конкретни проекти и партнерства за унапредување на спортот, промоција на здравиот начин на живот и градење одржливи општества.

Во рамки на Самитот предвидени се девет панели:

-Како спортот ја обликува иднината на Балканот: Преку соработка до успех
-Менаџирање и инвестиции во спортот
-Спонзорства во спортот: Како до профитабилни партнерства
-Спортска инфраструктура и развој
-Искуства на успешни спортисти: Патот до врвот
-Новото време на спортот: Спортска дипломатија, развој, маркетинг и медиуми
-Медицината како темел на спортските успеси
-Младински спорт и развој на таленти
-Национална стратегија за развој на спортот 2025–2028