Македонската фудбалска репрезентација попладнево го одработи првиот тренинг за претстојните натпревари, со  Саудиска Арабија и Лихтенштајн.

Поради повреда, Димитар Митровски нема да биде дел од септемвриските пресметки. На првиот тренинг отсуствуваа Елиф Елмас и Дарко Чурлинов, двајцата утре ќе се стават на располагање на селекторот Милевски.

Бојан Миовски кој вчера дебитираше за шкотскиот гигант Глазгов Ренџерс, ги сподели своите очекувања од новата страница во клупската кариера, како и очекувањата од натпреварите до националниот тим.

„Кога дојде понудата од Ренџерс не се двоумев, тренерот ми даде дополнителна поддршка и среќен сум поради тоа. Дебитирав против Селтик, прв пат почувствував таква атмосфера, знаеме какво е ривалството меѓу двете екипи. Во Џирона не беше се сјајно, имавме лоша сезона, колективно и индивидуално. Едноставно бев во погрешно време таму и морав да донесам одлука за мојата иднина. Се вратив во шкотската лига кадешто претходно настапував во Абердин, но сега во многу поголем историски клуб. 

„Имаме позитивна форма во репрезентацијата, се надевам дека ќе го продолжиме тој добар ритам и на натпреварите кои ни следуваат. Треба добро да се подготвиме за Саудиска Арабија која е многу сериозна репрезентација, а потоа максимално да се фокусираме на Лихтенштајн. Денеска нема слаби селекции и однапред добиени натпревари“, изјави Миовски.

Првиот, пријателски, натпревар Македонија ќе го игра во Прага на 4 септември против Саудиска Арабија. Оној поважниот е на 7 септември во Скопје против Лихтенштајнво квалификациите за СП 2026.

Следете нé на социјалните мрежи