Македонскиот првак Шкендија попладнево ќе го игра реванш натпреварот од третото квалификациско коло за Лигата на шампионите против Карабах.

Тетовци ќе имаат тешка задача против фаворизираниот азербејџански тим, кој освен поддршката од трибините, во реваншот влегува со гол предност. Тоа откако во првиот меч во Скопје, Карабах славеше со 1-0 со гол постигнат од пенал.

Сепак избраниците на тренерот Беќири веруваат дека може да го надополнат тоа. особено ако ја повторат играта од второто полувреме во Скопје и ја зголемат прецизноста.

„Не загубивме со катастрофален резултат, загубивме само 1:0 и зошто да не се обидеме да победиме во Баку. Секогаш мора да бидеме оптимисти, секогаш мора да гледаме напред и на позитивен начин.

Важно е да веруваме и да се обидуваме.

Причината зошто мислам дека подобро ќе изиграме во Баку е затоа што верувам дека притисокот ќе биде врз домашната екипа. Можеби гол во првото полувреме или ран гол може да го промени целиот тек на натпреварот.

Јас, стручниот штаб и целиот тим сме на исто мислење, дека не треба да се откажеме во ниту еден момент. Мора да се бориме и мора да веруваме до крај“, вели тренерот Јетон Беќири.

И Камер Чака најави дека тетовци во овој меч ќе влезат отворено да се надигруваат со фаворитот, ветувајќи борба од самиот почеток. 

„Влегуваме во натпреварот за да го добиеме. Тоа го мислат сите играчи, не само јас.

Но, тоа ќе биде многу тежок предизвик. Сепак ќе се стремиме кон позитивен резултат“, изјави Чака.

Натпреварот Карабах – Шкендија што ќе се игра на стадион „Тофик Бахрамов“, ќе почне од 18 часот, а ќе може да го гледате ВО ЖИВО ОВДЕ и низ тв пренос на МРТ3.

Следете нé на социјалните мрежи