По одигрувањето на финалните дуели од четвртфиналните групи познати се четирите екипи кои ќе бидат дел завршниот турнир во Купот на Македонија. Тоа се екипите на: МРК Куманово, ЖРК Ѓорче Петров, ЖРК Металург и ЖРК Вардар. Пехарот во ова натпреварување го брани тимот на ЖРК Металург.
Шампионот ЖРК Ѓорче Петров ја потврди фаворитската улога и без проблем го совлада Спартак со 36:18 (13:10). Најефикасни кај победничката екипа беа: Емилијана Ризоска со 6 голови и Анастасија Николовска со 5.
Бранителот на пехарот ЖРК Металург без проблеми славеше на гостувањето кај Стружанка во Струга со 25:15 (11:8). Најпрецизна беше Мила Трајковиќ со 9 голови.
Најнеизвесно беше на дуелот во Битола меѓу Пелистер и МРК Куманово. Домашниот тим водеше по првите 30 минути со 19:14, но гостинската екипа најпрвин со серија од 5-0 изедначи – 20:20, а по 23:23 со нова серија од 7-2 ја обезбеди победата и пласманот на завршниот турнир. Пена Граматова со 11 и Габрилеа Величковска со 10 голови кај МРК Куманово беа најефикасните на дуелот.
ЖРК Вардар ја комплетира четворката откако во финалето на групата убедливо ја совлада Деспина со 38:20. Најефикасна беше Ивона Трпевска со 8 голови.
Завршниот турнир во Купот на Македонија ќе се одигра на 14 и 15.мај.