Кошаркарската АБА лига ќе има нов шампион, откако актуелниот Црвена Звезда е елиминирана во полуфиналето.
За тоа се погрижи тим Будуќност кој во мајсторката славеше со 81:78 и со 2-1 во победи го доби полуфиналето.
Неизвесниот и борбен натпревар беше решен во последната секунда или подобро кажано со звукот на сирената. При нерешен резултат, Американецот, Мекинли Рајт погоди тројка за делириум во „Морача“. Тој заврши со 28 поени и беше најдобриот стрелец во победничкиот тим и на натпреварот.
Така за прв пат по 11 сезони Црвена Звезда нема да игра во финалето на АБА лигата.
Во него Будуќност за противник ќе го има белградски Партизан.
Црно-белите исто така мораа да играат мајсторка против Дубаи. Во решавачкиот трет натпревар во Белград, Партизан славеше со 114:97, за 2-1 во победи.
Финалната серија што ќе се игра во три добиени натпревари, ќе почне со два меча во Подгорица, а првиот ќе се игра во четврток (5 јуни).