Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска ќе се собере во Скопје, каде ќе се подготвува за последните два евро-квалификациски натпревари.

Селекторот Кирил Лазаров ќе ја направи првата прозивка на ракометарите за дуелите со Естонија и Литванија.

Лазаров на последниот список има 21 ракометар, кои попладнево треба да се појават во г. „Александар Палас“ во Скопје, за каде е закажан собирот (15:30 часот).

Македонската селекција е во завидна ситуација, со заостанување од четири бода зад Литванците кои се втори. Така за пласманот на Европскиот шампионат, нашите ракометари првенствено ќе зависат од Словенците кои и гостуваат на Литванија.

Во најлошото сценарио, доколку Словенија, која веќе обезбеди учество на првенството загуби, тогаш бадијала ќе бидат победи на Македонија во двата меча. Литванците би биде недостижни за нас, па тие би играле на континенталното првенство.

Во онаа подобрата, посакувана варијанта за нас, пораз на Литванија од Словенија ги одржува шансите на Македонија.

Во таква ситуација, избраниците на Лазаров ќе мора да ги добијат двата натпревари, а последниот против Литванија и со три и повеќе голови разлика.

Но, се ќе се знае пред одигрувањето на мечот во Талин (8 мај), бидејќи ден порано (7 мај) ќе играат Литванија и Словенија.

Првиот натпревар против Естонија македонските ракометари ќе го играат на гостински терен во Талин на 8 мај од 18 часот.
Последниот меч во овие квалификации против Литванија е на 11 мај во СЦ „Јане Сандански“ од 18 часот.