Македонската ракометна репрезентација го претрпе и вториот пораз во дуелите од квалификациите за ЕП 2024. Попладнево Португалија по вторпат ја победи Македонија со 32:27 (15:11). Нашата репрезентација добро играше до 25.минута, но потоа следеше серија на домашната репрезентација од 5-0 за сигурно водство и најава на победата.

Почетокот на натпреварот беше во знакот на Македонија по 1:1, нашите ракометари поведоа со 3:1,но следеше серија Португалија од 4-0 за водство од 5:3. Но, со сигурна игра и цврста одбрана Македонија стигна до изедначување 6:6. Потоа следеше период на играта каде Македонија водеше со гол предност, а противникот изедначуваше. При водство на Македонија од 11:10 во 25.минута нашиот селектор Кирил Лазаров побара тајм-аут, по што следеше лошиот период на Македонија. Серија грешки во напад, а противникот казнуваше, кој во тој период играше и 7-6 во напад.

Серијата на Португалија продолжи и на стартот од вториот дел, а Македонија по 10,5 минути постигна гол (последните два гола беа по удар од 7.метри). Во 38.та минута Португалија поведе со +8 (22:14). По 23:15 македонските ракометари направија серија од 3-0 за 23:18. Но, домашната репрезентација врати со три гола и Лазаров во 45.та минута го побара својот трет тајм-аут. На 10 минути пред крајот Португалија поведе со +9 (28:19). Сепак нашата репрезентација го намали поразот.

Најефикасен на натпреварот беше Филип Кузмановски со 10 голови, а кај Македонија голманот Томовски имаше 10 одбрани.

Голманот на Португалија Густаво Капдевил имаше одлична парија со 14 одбрани за 45 минути со 45 % ефект.

На вториот натпревар од оваа група Турција го победи Луксембург со 31:20.

Табела: Португалија 8 бодови, Македонија 4, Турција 4, Луксембург 0.

Македонија следниот натпревар го игра на гости против Луксембург на 26.април, а во последното коло на домашен терен Македонија ја пречекува Турција.