Конечно Македонија преку своите спортисти во сите спортови ќе биде препознатлива по унифицираните дресови. Идејата која одамна е само на поздравување, конечно ќе почне и да се реализира.
Имено, Сојузот на спортски федерации на Македонија го објави Јавниот Конкурс за избор на дизајн за Национален дрес на Македонија.
Како што велат од оваа спортска организација, тоа се прави со цел, создавање на модерен и автентичен дизајн кој ќе го претставува македонскиот спортски дух на национално и меѓународно ниво.
Конкурсот е отворен за сите креативни поединци физички и правни лица кои сакаат да остават свој белег во историјата на македонскиот спорт.
Конкурсот е отворен до 15.05.2025 година, а сите заинтересирани учесници може да ги испратат своите дизајни на dres@ssfm.mk или на официјалната адреса на Сојузот, со назнака „За Конкурс за дизајн на Национален дрес“.
Наградниот фонд изнесува вкупно 100.000 денари, распределен на следниов начин:
Прва награда: 50.000 денари, Втора награда: 30.000 денари и Трета награда: 20.000 денари
Победничкиот дизајн ќе биде искористен како основа за изработка на официјалниот национален дрес што ќе го носат нашите репрезентативци на меѓународни спортски настани, а авторот ќе добие признание од Сојузот на спортски федерации на Македонија.
Целосните технички насоки, критериумите за оценување:
Критериуми за оценување:
- Креативност и оригиналност
- Национална симболика (боите, симболи, традиционални мотиви)
- Применливост и функционалност (спортско/репрезентативно носење)
- Професионална изработка
Начин на пријавување:
- Секој кандидат треба да испрати:
- Финален дизајн (JPEG/PNG + PDF опис)
- Краток опис на инспирацијата (макс. 300 зборови)
- Лични податоци (име, презиме, возраст, град, контакт)
- Пријавите се испраќаат на: dres@ssfm.mk

































