Откако утринава се пофалија со ново засекување, попладнево од РК Вардар излегоа со ново соопштение. 

Имено, изминатите денови беа пласирани информации за заминување на Аларов и Јагуриновски од црвено-црниот табор. Вардарци иако не ги споменуваат нивните имиња, сепак денеска излегоа со став за ваквата информација.

Претходните денови се појавија информации за играчи кои наводно од следната сезона ќе бидат дел од Вардар, и веќе се договорени сите детали.

Вистината е дека Вардар во ниту еден момент нема преговарано со тие играчи, чија желба веројатно е да бидат дел од нашиот клуб, и преку пласирање на информации во некои медиуми се обидуваат да придонесат околу остварување на истите.

Сакаме да ја информираме јавноста дека сите информации околу засилувањата ќе бидат објавени на официјалната клупска интернет страница и клупските канали на социјалните мрежи откако ќе бидат завршени сите формалности со играчите. За се сите други информации може да бидат земени со резерва и како шпекулација.

Клубот работи на формирање на тимот со кој во следните сезони ќе се натпреварува и навремено ќе бидат објавени сите детали.

Она што е сигурно е дека полскиот репрезентативец Марек Марчинијак (29 години) од следната сезона ќе го облече дресот на Вардар. Марчинијак кој игра на позициите десен бек/десно крило, потпиша двегодишен договор со клубот, до 2027 година.