Македонската фудбалска репрезентација попладнево ќе отпатува за Вадуц, каде во сабота го почнува циклусот на квалификации за СП 2026 година.
По кратките тридневни подготовки во Скопје, македонските фудбалери заминуваат за Лихтенштајн против кој ќе ги почнат мундијалските квалификации.
Желбата е една, да се оствари победа која самите фудбалери најавија дека ќе биде посветена на жртвите во кочанската трагедија.
Селекторот Милевски, беше принуден да направи промени во играчкиот кадар, па наместо повредените Ристовски и Ќамили, беше повикан Тошевски.
Натпреварот во Вадуц што ќе се игра во сабота ќе почне од 15 часот. Веднаш потоа нашата селекција ќе се врати во Скопје каде во Вторник ќе го пречека Велс.
Покрај овие две репрезентации, противници на Македонија во групата „Ј“ ќе бидат Белгија и Казахстан.





































