Машката репрезентација на Македонија се собира во Скопје, каде ќе одработи мини подготовки за двомечот со Словенија. Тоа се два натпревари од квалификациите за пласман на ЕП 2026 година.

Селекторот Кирил Лазаров на располагање ќе има 20 ракометари, со една измена во тимот. Имено поради повреда од составот отпадна Петар Атанасијевиќ, а неговото место ќе го заземе клупски колега од Е.Пелистер, Цветан Кузманоски.

„Ќе пробаме максимално да го искористиме краткиот период што го имаме и да се прикажеме во добро светло.

Играме против квалитетен противник кој играше полуфинале на Олимпијадата и заврши на 5.место на последното Европско првенство. Словенија е сериозна селекција која е технички добро подготвена и знае што сака од натпреварот. 

Имаме само три дена да се подготвиме. Ќе дадеме насоки. Знаеме што сакаме и се надеваме дека во среда ќе не краси борбеноста. Нема да биде лесно, Словенија е во Топ 8 во светот.

Треба да ја играме нашата игра како на Светското првенство“, изјави селекторот Кирил Лазаров

Македонија и Словенија првиот дуел ќе го одиграат на 12 март во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20 часот. Возвратниот натпревар е во Копер на 16 март во терминот од 18.30 часот.

Со победа и пораз, Македонија е на делба на втората позиција со Литванија со по два бода. Словенците се лидери со четири бода (две победи), додека Естонија е последна без бодови.