Ракометарите на Хрватска се првите што обезбедија пласман во финалето на Светското првенство.
Во преполната загрепска Арена, пред своите симпатизер, Хрватите ја демолираа Франција со 31-28 во првиот полуфинален меч на Мундијалот.
Сребрената од претходниот шампионат Франција делуваше изгубено во првиот дел во кој Хрватите погодуваа од сите страни. Имаа домаќините и најголеми девет голови предност, а Триколорите во финишот постигнаа два во низа. Затоа заслужено популарните „Каубои“ на одмор заминаа со седум голови предност 18-11.
Во вториот дел Французите полека почнаа да ја топат предноста на Хрватите. На седум минути до крајот Франција дојде на -3 (25-28), а имаше и двајца ракометари повеќе. Французите не го искористија тоа, па Хрватите на крајот заслужено се радуваа на победата.
За Хрватска тоа ќе биде петто финале на светските првенства, прво по 2009-тата кога на истиот терен беа поразени токму од Франција.
Хрватите сега ќе го чекаат исходот од утрешниот полуфинален меч меѓу актуелниот светски шампион Данска и селекцијата на Португалија.
Во сабота е слободен ден на Мундијалот, а натпреварите за медалите ќе се играат во недела во Осло.