Последен ден на Светското првенство за ракометари, кое годинава се одржуваше во три земји. За прв пат две од нив во директен дуел ќе решаваат за шампионскиот трофеј.
Бранителот на „круната“ светски првак, Данска ќе биде предизвикан од селекцијата на Хрватска.
Данскиот ракомет е веќе во историјата со трите последователни шампионски титули освоени на првенствата 2023, 2021 и 2019. Данците бркаат уште еден рекорд. Имено тие немаа пораз на Светските првенства од јануари 2017 кога беа совладани од Унгарија во осминафиналето. Така со победа Данска цели 10 години би минала без да ја почувствува горчината на неуспехот на Мундијалите.
Данците ја имаат улогата на фаворити, а секако и големата поддршка од трибините пред домашната публика во Осло.
Хрватска пак ќе го игра своето четврто финале на Светските првенства. Последниот финален меч одигран во Загреб 2009-тата беше лош спомен за хрватската ракометна јавност. Тогашниот пораз од Франција е заборавен по победата над Триколорите во полуфиналето на овој шампионат.
Јасно им е на Хрватите дека ќе имаат исклучително тепка задача да го направат подвигот на генерацијата од 2003-тата која во Португалија го освои единственото злато досега.
„Битката“ за златото меѓу Данска и Хрватска ќе почне во 18 часот.
Претходно во дуелот за бронзениот медал (15 часот) ќе играат Франција и Португалија.
Французите кои со Швеѓаните се најтрофејните нации на Мундијалите со 12 медали, целеа на злато, но ќе мора да се задоволат со бронза.
Но дали ќе ја освојат и неа, се прашуваат и Португалците кои се најголемиот хит на првенството. Популарните „морепловци“ за прв пат во својата историја се во ситуација да освојат медал. Одиграа фантастично првенство, но во полуфиналето налетаа на Данска.