Одбројувањето истекува за македонската ракометна репрезентација, а на нешто повеќе од 24 часа до првиот дуел со Унгарија, селекторот Кирил Лазаров се осврна на завршените подготовки и претстојните натпревари.

Унгарија е нашиот прв ривал на овој шампионат.

Тоа е спортска и пред се ракометна земја, со два тима во Лигата на шампионите.
Тоа е селекција која беше дел од Олимписките игри во Париз, репрезентација која има напредок.

Имаат исклучително квалитетен селектор Чема Родригез, со шпански стручен штаб. Немаат слаба точка во тимот, можно е да имаат слаб ден, но ние пак мораме да бидеме најдобри и секоја шанса да ја искористиме, истакна Лазаров.

Македонија подготовките ги одработи во три фази, со неколку контролни натпревари, со акцент на дуелот со Хрватска, ко-домаќинот пред седум дена.

Ние сме млада репрезентација, ќе мора да се бориме сите 60 минути. Таков пристап имавме на дуелот со Хрватска, тоа е начинот на кој треба да играме и на овој шампионат, но и во иднина.

Храброст и борбеност треба да биде нашиот пристап на натпреварите, изјави селекторот.

Македонија првиот натпревар на Мундијалот против Унгарија го игра утре (среда) со почетокот во 20:30 часот.

Во најава на овој дуел е натпреварот број 1 од групата Д во Вараждин меѓу Холандија и Гвинеја што почнува во 18 часот.