Ларс Валтер повеќе не е тренер на РК Еурофарм Пелистер.
По елиминацијата во ЕХФ Европската лига, како и не убедливиот настап во регионалната СЕХА конкуренција, она што беше за очекување тоа и се потврди денеска.
Пелистерци спогодбено го раскина договорот со тренерот Валтер, иако имаше потпишано соработка до јуни 2024 година.
Данскиот стручњак се согласи за разделба со клуб, како последица на лошите резултати информираа од таборот на Еурофарм Пелистер.
„Клубот е горд на изборот и соработката со врвен професионалец и ракометна личност како Ларс Валтер. Целосно сме благодарни на неговиот ангажман, пристап и работа. Во неговиот период Еурофарм Пелистер го освои Суперкупот на Македонија и првпат играше на завршниот турнир на СЕХА лигата. Веруваме дека оваа одлука ќе предизвика реакција кај тимот во невралгичниот дел на сезоната. На Ларс му посакуваме многу успех во понатамошната кариера и вратите од нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за личност како него“, се вели во соопштението на Еурофарм Пелистер.
На утрешниот натпревар против Пролет екипата ќе ја води првиот асистент на Валтер, Божидар Мојсов, а од понеделник клубот ќе го именува новиот тренер.