Женската ракометна репрезентација на Македонија е во Пореч каде ќе игра на „Кроација купот“.
Дуелите со Хрватска и селекцијата на Србија ќе бидат последните контроли за македонските ракометарки пред настапот на Европскиот шампионат.
Во првиот меч закажан денеска од 16 часот, Македонија ќе игра против домаќинот Хрватска, а утре (ист термин) против Србија.
Ова ќе бидат последните два теста за избраничките на селекторот Кристијан Грчевски кој поведе 19 ракометарки. Тие ќе бидат и дел од Европскиот шампионат што започнува на 28 ноември (четврток).
На шампионатот што ќе се игра во Шведска, Австрија и Унгарија, ќе настапуваат 24 репрезентации.
Македонија ќе игра во групата „А“ во Дебрецен, а за противници ќе ги имаа Шведска, ко-домаќинот Унгарија и Турција.
Црвено-жолтите ќе стартуваат на 28 ноември со натпреварот против Шведска. Два дена подоцна ќе следува дуелот со Турција, а во последното коло ќе играат против Унгарија.