Македонија веќе го обезбеди првото место во групата, а со тоа и пласман во повисок ранг во Лигата на Нациите.
Сепак, македонските фудбалери сакаат со уште една, петта победа во низа да го завршат годинашното издание.
Селекторот Милевски и искусниот Трајковски ова го нагласија на официјалната прес-конференција пред дуелот со Фарските Острови.
„Фарски Острови покажаа дека во денешниот фудбал нема аутсајдери и се квалитетен тим. Во овие Лига на нации го играат добро. Нè очекува уште потежок меч од тој со Летонија во четвртокот.
Фокусот ни е на нас самите, како ќе изгледаме на теренот и да го завршиме ова издание на најдобар можен начин. Прашањето за првото место е решено, ама ние си имаме свои мотиви, индивидуални и како тим. Си поставивме уште една цел, со што е можно повеќе бодови да бидеме поконкурентни во завршната ранг-листа.
По последниот меч присутен е замор, со оглед на тоа дека истрчаа доста и одигравме напорна средба. Дополнителен проблем е теренот кој не е во сјајна состојба.
Дојдовме до последното скалило и мислам дека момците ќе го дадат последниот атом на силите за да покажат карактер, па со победа да ја затвориме годината”, изјави селекторот Благоја Милевски.
Во иста насока беше и размислувањето на напаѓачот Александар Трајковски, кој посака во што поголем број навивачите да им дадат поддршка на фудбалерите.
„Постои мал замор бидејќи играме во три дена два натпревари, но не е прв пат да имаме ваков ритам. Секогаш сакаме да го дадеме најдоброто од себе и наша цел е со победа да го завршиме ова издание во Лига на нации.
Треба да бидеме фокусирани и доколку го дадеме максимумот сметам дека може да ја оствариме целта и три бода”, нагласи Трајковски.
Утрешниот натпревар што ќе се игра на националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје, ќе почне од 15 часот.