Ракометната федерација на Македонија (РФМ) информира дека ги исплати ветените премии на трите национални селекции.

Станува збор за вкупна сума од 5 милиони денари.

Сениорските машка и женска репрезентација, добија премии по 2 милиони денари на нивните пласмани на Светското и Европското првенство.

Мажите се пласираа на Мундијалот што ќе се одржи следната година во три земји. Македонија ќе игра во Вараждин против Унгарија , Холандија и Гвинеја.

Дамите пак месецов (од 28 ноември) го почнуваат настапот на Европското првенство. Тие ќе играат во унгарскиот град Дебрецен, против домашната селекција на Унгарија, како и Турција и Шведска.

Премија од 1 милион денари добија и кадетите за нивниот одличен настап на ЕП во Словенија. Репрезентацијата до 20 години предводена од селектор Радослав Стојановиќ го освои деветтото место. Со тоа оваа генерација се избои за настап на ЕП (У21), што ќе се одржи во Полска во јуни следната година.