Фудбалскиот клуб Аеродром од денеска има ново фудбалско игралиште. Тоа е лоцирано во непосредна близина на основното училиште „Александар Македонски“ во реонски центар Аеродром.
По девет месеци работа, овој современ фудбалски терен конечно е подготвен да ги прими сите љубители на фудбалот и спортската рекреација.
Фудбалскиот терен во употреба го пуштија Министерот за спорт, Борко Ристовски и в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
„Ми претставува огромно задоволство што зaедно ќе го отвориме ова ново фудбалско игралиште, кое не е само спортски терен, туку е простор за развој, дружба и остварување на соништата на многу млади таленти. Ова игралиште е од голема важност за локалната заедница и за нашата иднина, како и за идните млади спортски таленти. Со ова придонесуваме младите да имаат можност да тренираат, да ги развиваат своите способности и да учат во тимска работа и дисциплина. Како министер за спорт, целосно сум посветен на тоа да го поддржиме спортот на локално и на национално ниво. Овој проект е само еден од многуте кои ќе ја унапредат спортската инфраструктура во нашата земја. Посебно ми е драго што денеска, со отворањето на ова игралиште, правиме важен чекор напред за младите од општина Аеродром и за сите љубители на фудбалот“,изјави Министерот за спорт, Борко Ристовски.
В.Д. градоначалник на Општина Аеродром, Дејан Митески, изрази задоволството од збогатувањето на општината со новиот спортски центар и ја нагласи важноста на поддршката за спортот и младите таленти.
„Ми претставува големо задоволство што денеска присуствувам на овој свечен настан. Фудбалскиот терен на кој се наоѓаме доби нов cjaj, а нашата Општина се збогати со уште еден модерен и современо уреден спортски центар. Упатувам голема благодарност и искрени честитки до ФКАеродром, од каде со голема посветеност работеа на овој проект и создадоа уште едно место на кое аеродромци ке можат да спортуваат и да се дружат. Особено сум срекен што нашиот Аеродром продолжува достоіно да го носи епитетот – на спортска Општина. Сигурен сум дека токму од тука ке излезат нови спортски таленти кои ќе jа претставуваат Македонија на светските терени и за кои сите заедно гордо ке навиваме“, истакна в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Двочасовниот настан беше исполнет со забава и активности за сите возрасти, меѓу кои и натпревар во кој учествуваа познати личности, како и возбудлив детски турнир на кој младите фудбалери за првпат имаа можност да го испробаат новиот терен.
Новото игралиште, покрај редовните активности, ќе биде достапно и за изнајмување и за организирање натпревари, што го прави одлична локација за сите спортски ентузијасти во Општина Аеродром.