Кошаркарите на битолски Пелистер, попладнево ќе го играат третиот натпревар во АБА2 лигата. Во Битола, гостува тимот на Џокер чиј сопственик е НБА ѕвездата Никола Јокиќ.
Ова е дуел од 3.коло на „Ц“ групата во која екипата Самобор е единствената без пораз, односно има две победи.
Пелистерци пак со половичен скор (1-1) ќе мораат да слават, доколку сакаат да останат во игра за место во плејофот.
Тренерот на зелено-белите Александар Петровиќ во изминатиот период се судруваше со здравствени проблеми во тимот. И денеска ќе недостасува искусниот Андрија Бојиќ, но Петровиќ смета дека димот може до победа.
„Очекувам добра игра и реакција на моите играчи. Сепак, ние сме поинаков тим кога играме на домашен терен.
Го имаме нашиот „шести играч“ публиката и очекувам дека и денеска „Чкембари“ ќе бидат присутни во голем број.
Ги знаеме нивните добри и лоши страни. Главна цел е да го исконтролираме скокот, да ја затвориме нивната транзиција, мислам дека одбраната ќе биде клучна“,
изјави Петровиќ.
Натпреварот меѓу Пелистер и Џокер што ќе се игра во салата „Боро Чурлевски“ ќе почне од 18 часот.