Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди го дели оптимизмот на селекторот Благоја Милевски во пресрет на утрешниот меч против Летонија.
Ова е натпревар од октомвриската рунда во Лигата на нации во која покрај Летониците ќе и гостуваме и на Ерменците.
Барди беше дел од претходниот дуел на Македонија против Летонија во септември 2019 година. Капитен постигна гол во победата од 2:0 во Рига во квалификациите за Европското првенство.
„Како и секогаш, одговорноста е кај сите нас. Јас ќе го дадам својот максимум, па дај Боже да биде како пред пет години.
Помина грипот, добро се чувствувам и максимално сум подготвен за настап. Кога играте под притисок за докажување, секогаш вадите од себе максимален квалитет.
Притисокот треба секогаш да го чувствуваме и треба да најдеме начин да го дадеме најдоброто од себе“,
истакна Барди.
Македонија е водечка на табелата во својата група со 4 бодови и има по еден повеќе токму од претстојните противници Ерменија и Летонија.