Македонската фудбалска репрезентација утре ги продолжува своите настапи во Лигата на нации. Во првото од двете гостувања црвено-жолтите ќе играат против Летонија.
Нашиот национален тим влегува како фаворит во овој меч и тоа го потенцира селекторот Благоја Милевски на денешната прес-конференција.
„Летонија има максимален респект од нас, но концентрацијата е на нашата игра и тоа како ќе изгледаме на терен.
Потенцирам дека Македонија ќе се прашува за првото место во групата.
Ќе ни недостасуваат Зајков и Серафимов, кои имаат картони, но и Чурлинов и Трајковски, кои се повредени. Сепак, сите кои се во комбинација за настап ќе одговорат на предизвикот и на тоа што се очекува од нив.
Размислувам за повеќе опции за стартниот тим, верувам дека сите останати ќе бидат здрави и ќе се стават во функција на тимот.
Пред почетокот на натпреварот ќе одлучам со кои играчи ќе настапиме“, изјави селектор Милевски.
Утрешниот дуел во Рига, меѓи Летонија и Македонија ќе почне од 18 часот.