Половичен ефект на македонските претставници во УЕФА Конференциската лига. Фудбалерите на Тиквеш забележаа победа со пресврт во вториот дел, а Шкендија загуби во финишот. Ова е епилогот по првите дуели од првото квалификациско коло во ова натпреварување.
Кавадаречки Тиквеш одигра две различни полувремиња во дуелот со исландскиот Бреидаблик кого го совлада со 3-2. Во првиот дел гостите создадоа два гола предност, со погодоците на Ејнарсон (13.минута) и Кристинсон (33). Во вториот дел далеку подобра игра на македонскиот тим. Во 72.минута Стојкоски намали на 1-2, а со евроголот на Стојанов Тиквеш израмни на 2-2. По брзата контра во 83.минута Лео Гиуера кавадарчани стигнаа до пресврт и дебитантска победа со 3-2.
Тетовска Шкендија на гостувањето во Ерменија кај Ноах, загуби во самиот финиш од мечот. Домаќините двата гола ги постигнаа во завршните девет минути преку Португалецот, Гонзало Грегорио (81) и Бразилецот, Пабло (90.минута).
Тетовци ќе имаат тешка задача да надополнат два гола негатива на реваншот во Скопје, а Тилвеш ќе треба да ја зачува предност од еден гол на гостувањето во Исланд.
Реванш дуелите ќе се играат следниот четврток.