На македонските ракометари, но и навивачи, им се насмевна среќата на денешната ждрепка за Светското првенство 2025-та.
Македонија ќе игра во Вараждин, на 29-тиот ракометен Мундијал. Тоа е она исто место во кое 2009 година, Македонија го почна својот континуиран настап на големите ракометни натпреварувања.
16 години подоцна овој хрватски град ќе биде „окупиран“ од македонската „Фаланга“.
Јасно е дека црвено-жолтите ќе имаат огромна поддршка од трибините во вараждинската арена која е со капацитет од 5.033 места. Црвено-жолтата боја треба да доминира иако во непосредна близина се и Унгарците против кои ќе играме во првото коло.
Унгарија секако важи за фаворит во нашата група, но затоа против Холандија во 2.коло македонските ракометари ќе ја бараат шансата да пренесат бодови во фазата два. Последниот противник Гвинеја е апсолутен аутсајдер во оваа конкуренција, па јасно е дека останатите три селекции би биле оние кои би играле во следната (четвртфинална) групна фаза.
А, натпреварите од таа рунда повторно ќе се играат на исто место, во истата арена во Вараждин.
Во новоформираната група „2“, Македонија, Унгарија и Холандија би вкрстиле со трите прворангирани селекции од „Ц“ групата. Во неа секако топ фаворит е европскиот шампион Франција, а тука се Австрија и Катар, додека Кувајт е аутсајдер. Втората фаза на натпревари се предвидени на 21, 23 и 25 јануари 2025.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ ВО „Д“ ГРУПАТА
15 јануари 2025 година МАКЕДОНИЈА – Унгарија
15 јануари 2025 година Холандија – Гвинеја
17 јануари 2025 година Гвинеја – Унгарија
17 јануари 2025 година МАКЕДОНИЈА – Холандија
19 јануари 2025 година МАКЕДОНИЈА – Гвинеја
19 јануари 2025 година Унгарија – Холандија