Прв трофеј за ракометарите на Алкалоид, кои во финалето на Купот на Македонија го совладаа тимот на Еурофарм Пелистер по изведувањето на пеналите со 3:1, откако во регуларниот дел дуелот заврши 22:22. За екипата на Алкалоид ова е голем успех и резултат што во своето прво финале во Купот на Македонија го освоија вредниот трофеј.
Почетокот на натпреварот беше во знакот на Алкалоид и екипата на Кирил Лазаров водеше со 10:7, но со серија од 4-0 ракометарите на актуелниот првак Еурофарм Пелистер на полувреме заминаа со гол предност 11:10. Битолчани продолжија со добрата игра и на стартот од вториот дел и во два наврати имаа предност од + 3 (14:11 и 15:12). Потоа водството го презеде Алкалоид и водеше со 18:16, а по 19:19 до конечните 22:22 резултатот беше нерешен, а Алкалоид имаше водство. Серафимов погоди за 22:21, а Кузмановски изедначи со гол од седмерец. Во клучните минути вистински „џокер“ во играта на Алкалоид беше Кристијан Симоновски, кој постигна пет голови на натпреварот и беше најдобар стрелец на својот тим.
Во серијата пенали, Лесјак кој во финишот на дуелот одбрани два седмерци, го запре ударот на Серафимов. Но, веднаш Галевски го одбрани ударот на Ф.Кузмановски. Симоновски донесе водство за Алкалоид од 1:0, а изедначи Цветан Кузманоски на 1:1. Марко Митев погоди за водство од 2:1 за Алкалоид, а Радивојевиќ ја погоди стативата. Дамјан Митев го следеше неговиот пример и погоди во пречката, а Галевски одбрани нов седмерец по ударот на Ѓоргоски. Решавачкиот гол го постигна Џонов.
Пехарот за освојувачот на Купот на Македонија, Алкалоид го предаде претседателот на РФМ Живко Мукаетов.