Екипата на МКК Куманово ја продолжи победничката низа во Втората македонска кошаркарска лига. Кумановци го добија првиот полуфинален дуел од плејофот против Ангели и се на еден чекор до Првата лига.
На натпреварот одигран вечерва во Куманово, избраниците на Марин Докузовски го совладаа скопскиот тим Ангели со 77-47.
Домаќините го отворија натпреварот со 11-0, а во финишот на првиот квартал имаа и +14 (17-13). Ја добија кумановци четвртината со девет разлика 17-8. Ангели успеаја да спуштат и на -6 (26-20), но до крајот на полувремето постигна само уште пет поени. На паузата меѓу двете полувремиња резултатот беше +16 за МКК Куманово (41-25).
Со само шестмина-седуммина играчи во ротација, гостите од Скопје и немаа шанси да го изненадат фаворитот. Избраниците на Марин Докузовски рутинирано го одработија вториот дел и заслужено славеа со убедливи 30 поени разлика (77-47).
Сега МКК Куманово го дели само уште една победа од место во финалето, кое воедно носи и пласман во Прва лига следната сезона. Тоа кумановската екипа ќе може да го стори веќе во реваншот во Скопје во вторник.
Во второто полуфинале (закажано за сабота 20 часот) ќе играат Шкупи и Маџари.