Пладневните термини од финалниот турнир од Купто „Благоја Георгиевски-Буштур“, оние на 17 февруари (петок), се резервирани за полуфиналните натпревари во женска конкуренција.
Во првиот, што е практично реприза на минатогодишното финале ќе играат бранителот на трофејот Баскет Кам и Бадел.
„Сакам да им посакам успешни натпревари на сите кои се пласирани тука. Сите имаме иста цел, нè очекуваат неизвесни дуели затоа што оваа година сите екипи имаат можност да победат секого, така што се надевам на еден успешен исход за нас. Секоја екипа на турнирот има квалитетни играчи, но ние целиме кон победа“, вели капитенот на Бадел, Сандра Лазаревска .
Кошаркарките на Баскет Кам го бранат трофејот освоен во ланското финале, токму против екипата на Бадел.
„За нас како екипа можам да кажам дека сме мотивирани да го освоиме Купот. Но се разбира, сите екипи се тука заслужено и имаат иста цел. Па, нека победи подобриот“ – кажа нашата репрезентативка, Катерина Поп-Димитровска.
Во вториот полуфинален натпревар ќе се сретнат екипите на Вардар и на МЗТ Скопје Аеродром.
Предводникот на „вардарки“ Симона Деловска констатира една доста важна работа.
„Годинава нема непоразени екипи во Првата лига и се надевам на интересни натпревари. Верувам дека сите ќе го дадат максимумот и дека ќе победи навистина најдобрата екипа. Иако се соочуваме со проблеми, како здравствени, така и со повреди, најважно ни е да имаме мотив пред овие натпревари и верувам дека на крајот ќе ги оствариме целите“, истакна Деловска
На другата страна од теренот, за прв пат во една ваква „улога“, ќе биде екипата на МЗТ Скопје Аеродром.
Првиот тренер на девојките од Аеродром, Вела Красниќ, ги изрази своите очекувања во пресрет на почетокот на турнирот во СРЦ „Кале“.
„Женскиот кошаркарски клуб МЗТ првпат е дел од оваа завршница и за нас самиот пласман и учеството тука е успех. Досегашните натпревари покажаа дека екипите се изедначени по себе по квалитет и знам дека неизвесноста ќе биде присутна во сите натпревари. Се надевам дека мојата екипа ќе покаже добра кошарка и со тоа ќе го оправда присуството на овој Куп“, вели Красниќ.
Комплетниот распоред и сатница на натпреварите може да ги видите овде.