Според квалитетот на осумте екипи кои ќе играат во четвртфиналната рудна на Купот на Македонија, се чини дека последниот дуел меѓу Работнички и ТФТ Моцарт треба да донесе и нај неизвесна кошарка.

Не само поради фактот дека тоа е дуел на актуелниот бранител на трофејот (ТФТ Моцарт) и најтрофејниот тим во мак-баскет (Работнички) туку и според формата во која се двете екипи на последните неколку првенствени средби. Со тоа се согласни во двата табора.

„Нашиот противник е вистински пример дека не секогаш фаворитите победуваат во Купот“, истакнува на кратко капитенот на Работнички Горјан Марковски.

Поддршката на навивачите секако ќе биде и дополнителен мотив, па затоа Марковски и тренерот Мираковски очекуваат голема поддршка од трибините.

„Најважен е првиот натпревар. Сега ние сме во улога на предизвикувач и тоа на бранителот на трофејот, затоа благата улога на фаворит ја предавам на страната на ТФТ“, вели Димитар Мираковски.

Улогата на фаворит ја прифаќа и капитенот на тимот од Тафталиџе, Енис Нури, кому пред почетокот на денешната прес-конференција му беше врачен трофејот како лански освојувач.


„Да, можам да кажам дека сме благи фаворити на овој натпревар. Ние знаеме како ќе играме не само против Работнички туку и против останатите конкуренти, МЗТ и Пелистер. Но, многу работи ќе зависат и од подготовката за самите дуели“, дополнува Нури.

Тренерот Боро Смилковски, смета дека шансите за успех се подеднакви и дека важна улога ќе има мотивацијата на играчите.

„Благодарам на противникот за убавите зборови. Ова е реприза на четвртфиналето од пред 2 години. Мислам дека шансите се 50:50, а ќе играме без никаков притисок. Се понатаму ќе се сведува на инспирација и мотив“, додава Смилковски, тренерот на бранителот на трофејот ТФТ Моцарт.

Кој ќе биде последниот патник во полуфиналната рунда ќе дознаеме откако ТФТ Моцарт и Работнички ќе го одиграат својот четвртфинален дуел и тоа во терминот од 19:30 часот.

Комплетниот распоред и сатница на натпреварите може да ги видите овде.